Во Кривичниот суд на денешното судење на апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочеше неговата мајка Донка Ристов. Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати. Првиот пат не било најдено ништо, но вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари.

-Два дена се правеше претрес. Првиот ден, работеле, барале, немало ништо и закажале за утре дента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче.. во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа со 500 и 100 евра. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, се имавме. Секаде по пазар одев, свдочеше мајката на судијата Ристов, додавајќи дека тоа траело додека не почнале да се занимаваат со лозје.

На прашањето дали некој друг знаел за парите, таа рече дека никој не знаел.

– Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот, рече мајката на судијата.