Холивудскиот актер Џон Траволта отворено проговори за својот емотивен живот за прв пат по шест години од смртта на неговата сопруга Кели Престон. Иако поминаа неколку години од семејната трагедија, тој признава дека долго време бил целосно посветен исклучиво на своите деца и на настојувањето да им помогне да продолжат со животот без нивната мајка.

Гостувајќи во емисијата „Today“ што ја води Крег Мелвин, актерот откри дека не ја затворил вратата за нова љубов и оти се чувствува подготвен повторно да му даде шанса на некого во својот живот.

„Па, љубовта е сè, таа е дел од мојата личност. Дали сум отворен за неа? Да. Но, искрено, изминатите шест години беа посебно искуство, бидејќи морав да се грижам за мојот син, кој имаше само девет години кога тоа се случи, и за мојата ќерка Ели, која исто така беше помлада во тоа време. Сакав да им помогнам повторно да застанат на нозе и да се чувствуваат сигурно во врска со нивната иднина и сè што се случило“, рече Траволта.

Кели Престон почина во јули 2020 година, на 57-годишна возраст, по двегодишна битка со ракот на дојка. Џон Траволта и таа беа во брак од 1991 година и заедно добија три деца. Нивниот најстар син Џет почина трагично во 2009 година на 16-годишна возраст, додека сега ги имаат ќерката Ела Блу (26) и синот Бенџамин (15).

Актерот детално раскажа и за тоа колку неговиот живот целосно се променил по семејната загуба, особено поради двојната одговорност што морал да ја преземе за децата, нагласувајќи дека морал да преземе повеќе улоги одеднаш.

„Кога едниот родител ќе замине, стануваш и мајка и татко. Го почувствував тоа многу силно, но само треба да се собереш, да ја држиш главата високо и да продолжиш понатаму. Полека стигнуваме таму“, рече тој.

Траволта додаде дека децата секоја измината година сè подобро се справуваат со болната загуба и дека забележува како тие одново ја враќаат радоста во секојдневните обврски.

„Тие се се посреќни и подобри секоја година. Добро ни оди, навистина добро ни оди“, рече актерот.

Нивната љубовна приказна започна во 1989 година, за време на заедничката аудиција за филмот „Експертите“, каде подоцна глумеа заедно. Две години потоцна тие стапија во брак кој траеше сè до нејзината смрт во 2020 година.

Веста за смртта на сопругата, актерот своевремено ја објави преку социјалните мрежи со исклучително емотивна порака до јавноста.

„Со тешко срце ве известувам дека мојата прекрасна сопруга Кели ја изгубила двегодишната битка со ракот на дојка“, напиша актерот во тоа време.

Тој притоа им упати јавна благодарност на сите медицински тимови кои неуморно се грижеа за нејзината состојба, како и на блиските пријатели и семејството за постојаната поддршка за време на лекувањето.

„Кели засекогаш ќе биде запаметена по својата љубов и живот“, рече Траволта.

Тогаш тој објави и привремено повлекување од јавноста со цел да биде покрај децата во периодот на жалење. Шест години подоцна, неговите зборови за можноста за нова емотивна врска потврдуваат дека тој останува отворен за нова животна страница.