Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган свечено ја пушти во употреба новата делница од брзата железничка линија што го поврзува Истанбул со бугарската граница. По завршувањето на официјалниот протокол, шефот на турската држава лично седна на управувачкото место и го возеше возот на релацијата меѓу Бабаески и Лулебургаз.
Стратегискиот железнички проект Халкали–Капикуле е изграден со намена за истовремен патнички и товарен транспорт. Според пресметките на турските власти, со целосната оперативност на пругата, времето потребно за патување од Истанбул до граничниот премин Капикуле ќе се намали од досегашните четири и пол часа на приближно час и половина.
На свечената церемонија присуствуваше и европската комесарка за проширување Марта Кос, на која претседателот отворено ѝ упати благодарност за дипломатското присуство и поддршката на проектот.
„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Марта Кос, комесарка на Европската Унија за проширување, што го сподели нашето возбудување“, изјави Ердоган.
За време на настанот дојде и до куса неформална средба, при што еврокомесарката низ насмевка го запраша шефот на турската држава дали покрај воз знае да управува и со хеликоптер, на што тој кратко и потврдно одговори со зборот „Да“.
Ердоган во своето обраќање ја нагласи огромната економска важност на новата сообраќајна врска, нагласувајќи дека таа директно го интегрира домашниот извоз во единствениот европски пазар.
„Оваа пруга ќе биде витална артерија што ќе го поврзува производството во Анадолија со европските пазари и ќе претставува столб за забрзување на остварувањето на извозните цели на Турција. Таа значително ќе придонесе за економиите на Тракија и на Турција“, истакна Ердоган.
