Франција ќе им олесни на своите граѓани да го земат презимето на нивната мајка кога ќе станат полнолетни, изјави денеска министерот за правда Ерик Дупон-Морети.
Дупон-Морети најави дека владата ќе го поддржи предлог-законот на Патрик Вињал од владејачката партија LREM (Република во движење) на претседателот Емануел Макрон, кој ќе им овозможи на децата, кога ќе наполнат 18 години, лесно да ги менуваат своите презимиња во локалната градска администрација.
Француските граѓани ќе можат да го задржат презимето на нивниот татко, да го земат презимето на нивната мајка или да ги користат и двете по редослед што сакаат.
Французите и претходно можеа да го сменат презимето, но процесот беше комплициран и бараше од нив да му докажат на Министерството дека имаат валидна причина за тоа.
„Никој не треба да и ги открива на државата интимните причини за промена на презимето“, напиша Дупон-Морети на својот профил на Твитер.
Во интервју за магазинот Ел, Дупонд-Морети рече дека новиот закон ќе го олесни менувањето на презимињата на граѓаните што се одгледани од самохрани мајки, двајца татковци или две мајки.
– Овој закон ќе постигне еднаквост меѓу родителите и слобода за сите француски граѓани, изјави Дупон-Морети за Ел.
Законот, исто така, ќе го олесни процесот за луѓето кои сакаат да го променат своето презиме поради трауматски искуства како што се инцест или насилство од татко врз нивната мајка, додаде Дупон-Морети.