Британскиот државен министер за одбрана, Џејмс Хипи, поддржа украински напади врз воени цели зад руските линии, дури и доколку во нападите се користи оружје обезбедено од Велика Британија.

Хипи во денешното гостување на Радио 4 на „Би-Би-Си“ уште изрази уверување дека постои „шанса“ руските сили да бидат одбиени во офанзивата во источниот дел на Украина благодарение на поддршката од сојузниците за Киев.

Истовремено тој ги отфрли обвинувањата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека со оружената поддршка на Украина западните сојузници само „додаваат масло на огнот“.

Хипи потврдно одговори на прашањето дали Велика Британија ги поддржува украинските напади врз складиштата за гориво во Русија. Тој рече дека е „сосема легитимно Украина да таргетира цели на руска територија со цел да се наруши логистичка поддршка која доколку не биде спречена директно би придонела за смрт и масакр на украинска почва“.

Притоа тој истакна дека „не мора да е проблем“ доколку за тоа се користи оружје донирано од Британците. „Има многу земји ширум светот што оперираат со комплети увезени од други земји. Кога се користи нешто од таа опрема одговорноста не е на земјата што ја произвела, туку се обвинува земјата што ја употребува“, додава тој.

Изјавите на британскиот министер за одбрана означува дополнително засилување на позицијата на Лондон, во време кога сојузниците од Запад се повеќе ја напуштаат претпазливата политика кон рускиот претседател и се решаваат за испраќање се поопасно оружје за Украина.

Лавров од своја страна предупреди дека „не треба да се потценува“ заканата од нуклеарен конфликт. Тој ги обвини силите на НАТО дека „додаваат масло на огнот“ со испораките на оружје за Украина, притоа предупредувајќи да не се провоцира „Трета светска војна.“

Според изјавите на Хипи, шансите за нуклеарен конфликт се „мали“, истовремено отфрлајќи ги обвинувањата на Лавров дека руската интервенција во Украина е последица на агресивната политика на НАТО.

„Сета оваа врева што доаѓа од Москва според која нивниот напад врз Украина е одговор на агресивноста на НАТО е крајна, крајна глупост“, вели Хепи.

Во врска со исходот од војната, тој смета дека постои „секаква шанса“ Украина да ја одбие руската офанзива во источните делови на земјата.

„Ќе видиме конфликт меѓу две сили кои се многу порамномерно избалансирани. Предноста на Украинците е во тоа што нивните сили се добро вкопани и осум години подготвувани за одбрана. Тоа ќе биде тврд орев за кршење. И заедно со сета поддршка што ја добиваат од целиот свет, постои сериозна шанса да успеат да ги одбијат руските напади“, изјави Хипи.