Полицијата поднесе кривична пријава против 39-годишна скопјанка, поранешна претседателка на Комисијата за проверка на условите за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство, поради сомнение дека со неизвршување на задолжителните контроли му овозможила на правно лице од Свети Николе да создаде вишок од 56 килограми канабис.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека НККР Свети Николе до Основното јавно обвинителство во Свети Николе поднел кривична пријава против Д.П. (39) од Скопје поради основано сомнение дека сторила кривично дело „несовесно работење во службата“, предвидено во член 383-б, став 1 од Кривичниот законик.

Според полицијата, пријавената од 18 ноември 2022 до 21 август 2024 година ја извршувала функцијата претседател на Комисијата за оценување на исполнетоста на условите за простор, опрема и кадар за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство. Во тој период, како што се наведува, таа несовесно ги извршувала службените должности и не го организирала законски пропишаниот инспекциски надзор кај правно лице од Свети Николе што произведувало медицински канабис.

Согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, Комисијата била должна да организира најмалку две контроли во периодот од садењето до бербата на канабисот. И покрај известувањата што правното лице ги доставувало во текот на 2022 и 2023 година, пријавената, според МВР, не презела дејствија за спроведување на задолжителните проверки.

Со неизвршувањето на контролите, како што наведува полицијата, на правното лице му било овозможено да создаде вишок од 56 килограми канабис. Вишокот бил утврден со записник од контрола извршена на 19 февруари 2025 година