Укинати физичките контроли, Гибралтар ќе се поврзе поблиску со Шенген зоната
Европската Унија и Велика Британија постигнаа договор со кој се укинуваат граничните проверки меѓу Шпанија и Гибралтар, британската територија на Пиринејскиот Полуостров.
Документот беше парафиран во Брисел од еврокомесарот за трговија Марош Шефчович и британскиот министер за Европа, Стивен Доети, пренесува агенцијата АФП.
Со договорот се отстрануваат сите физички бариери и контроли на копнената граница меѓу Гибралтар и Шпанија. Предвидена е и поблиска поврзаност на територијата со Шенген зоната и единствениот пазар на ЕУ.
Во исто време, договорот предвидува целосна заштита на британскиот суверенитет над Гибралтар, што беше едно од главните барања на Лондон.
Илјадници луѓе секојдневно ја минуваат границата
Од 15 јули повеќе нема да има проверки на документи на преминот меѓу Гибралтар и шпанскиот град Ла Линеа.
Низ овој премин секојдневно минуваат илјадници луѓе, а најголем дел од нив се работници од Шпанија.
Шпанскиот премиер Педро Санчез утре треба да го посети Гибралтар. Тој го поздрави договорот, оценувајќи дека по повеќе од еден век е можно да се отстрани последната граница од ваков вид во рамки на Европската Унија.
