Спасувачките екипи пронашле жртви во заглавен лифт, а потрагата по исчезнатите продолжува
Драматична спасувачка акција е во тек во центарот на Брисел, каде што пожар зафати облакодер во изградба. Според првичните информации од локалните власти, пронајдени се жртви во еден од заглавените лифтови, додека шест лица сè уште не се пронајдени.
Пожарот избувнал во кулата „Окси“, а причината за неговото настанување засега не е позната.
Иако огнот бил брзо локализиран, пожарникарите при влегувањето во зградата откриле дека пламенот се проширил кон шахтите на лифтовите, каде што биле заглавени два лифта.
Во едниот лифт биле пронајдени неколку жртви
Спасувачките екипи успеале да го отворат едниот лифт, при што пронашле неколку жртви.
„Успеавме да го отвориме едниот лифт и пронајдовме неколку жртви – сè уште не знаеме точно колку“, изјави Брехт Спејбрук, портпарол на Обвинителството во Брисел.
Тој додаде дека не може да се потврди дали станува збор за шесте исчезнати лица или има уште луѓе заробени во вториот лифт или на друго место во зградата.
Две лица се хоспитализирани со тешки изгореници
Локалните медиуми јавуваат дека две лица се пренесени во болница со тешки изгореници, додека еден пожарникар добил лекарска помош на местото на настанот поради изложеност на високи температури.
Кулата „Окси“ сè уште е во изградба. По нејзиното завршување, во неа се предвидени станови, хотел, ресторани и барови.
Објектот се наоѓа на околу 500 метри од Големиот плоштад, во централното градско подрачје на Брисел.
