Во изјавата, лиферувана доцна синоќа, пакистанските талибанци или Техрик-е-талибан Пакистан (ТТП) ја обвинија владата дека ги прекршила условите од прекинот на огнот во врска со ослободувањето на затворениците и формирањето преговарачки тим.
-За нас е невозможно да го почитуваме и унапредуваме примирјето, рече портпаролот на ТТП, Мохамед Корасани, на крајот од изјавата во која наведе како пакистанската Влада не ги исполнила своите ветувања.
ДПА појаснува дека примирјето беше постигнато со посредство на привремениот министер за внатрешни работи на Авганистан, Сираџудин Хакани, кој е шеф на силната талибанска фракција наречена мрежа Хакани, а стапи на сила на 9 ноември.
Се смета дека мрежата Хакани е блиска до пакистанската разузнавачка агенција и има влијание врз пакистанските талибанци, кои наводно оперираат од Авганистан откако беа протерани од нивните бази во 2014 година.
Двете страни во средата соопштија дека разговараат за проширување на довербата, но разговорите во последен момент пропаднаа, наведуваат пакистанските разузнавачки извори.
Пакистанските талибанци ја следат истата тврдокорна интерпретација на сунитскиот ислам како и нивните авганистански колеги, кои дојдоа на власт во август, но тие имаат поинаква организациска поставеност.
Околу 80.000 пакистански цивили и безбедносни сили се убиени во самоубиствени бомбашки напади, бомбашки напади и вооружени напади од страна на талибанците во речиси две децении насилство, пренесува ДПА.
Откако во последен момент пропаднаа разговорите за продолжување на примирјето безбедносните експерти сега стравуваат од зголемување на насилството во Пакистан.