Палевски негира вина и обвинува за заговор од врвот на власта

Првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски, тврди дека не стои зад ниту едно од двете злосторства, а во Турција вели дека отишол да докаже дека Гоце Делчев го убиле врховистите. Како што истакна во својата одбрана, немал мотив за грабнување или убиство. Како доказ посочи дека „во рацете држел многу помоќен инструмент“.

Што знаеме досега за убиствата на Вања и Панче?

Поседувал 200.000 компромитирачки разговори на политичари и новинари

Палевски откри дека му бил одземен хард диск со над 200.000 разговори, за кои тврди дека содржат инкриминирачки материјали за политичката елита и новинарската фела.

Можев да уценувам милијардери, но не го направив тоа. Ако ми беше до пари – ќе го искористев тој материјал“, рече тој, додавајќи дека неговата цел не била користољубие, туку разобличување на неправдата.

Обвинувања за политичко влијание и перење пари

Во своето излагање, Палевски го обвини јавниот обвинител Гаврил Бубевски и министерот Оливер Спасовски за вмешаност во сериозни финансиски криминали. Според него, Спасовски одобрил отворање нерезидентна сметка на ирански државјанин – шверцер на дронови – во банка поврзана со НАТО, што според него претставува доволна причина за политички и медиумски линч.

„Не сум бегал – сакав да го докажам вистинскиот убиец на Гоце Делчев“

За своето заминување во Турција, Палевски вели дека не се криел, туку заминал „со историска мисија“. Тој во денешниот исказ во судот вели дека сака да докаже дека врховистите, а не Турците, го убиле Гоце Делчев.

Новинарите ги нарече „багра“ и тврди дека бил осуден предвреме

Во нападен тон, Палевски рече дека медиумите се платени од банкарскиот сектор, а нивните извештаи ги нарече „огромна количина лаги“. Според него, Кривичниот суд го киднапирал, а Обвинителството немало реални докази пред да го претстават како монструм на прес-конференција.

Одбраната: „Немав причина да убивам – имав алатка посилна од куршум“

„Не сум ги убил, ниту ги киднапирал Вања и Панче. Немав ни мотив“, изјави Палевски. Повтори дека единствено што поседувал е хард диск со 200.000 разговори, кои можеле да срушат кариери, но тој не ги употребил за лична корист.