Во изминатите 24 часа Русија повторно забележа рекорден број починати од последиците од коронавирусот – 1.189, соопшти денеска Кризниот центар за борба против коронавирусот.

Од почетокот на пандемијата, вкупниот број на смртните случаи во Русија достигна 242.060 случаи, пренесува агенцијата Тасс.

Во Русија во наведениот период се регистрирани 40.443 новозаразени лица, со што вкупниот број на заразени се искачи на 8.633.643, соопшти кризниот центар.

Нов рекорд од 6.506 новозаразени има и Австрија.

Австрија бележи нов рекорден дневен број на новозаразени со 6.506 заразени со коронавирусот.

За споредба, пред една недела бројот на новозаразени беше 4.261.

Бројот на пациенти со ковид во болниците низ Австрија се зголеми за 133 на вкупно 1.752. Во моментов на интензивна нега има 333 пациенти со ковид, што е за 16 повеќе од вчера.

Во последните 24 часа починале 20 заболени, така што досега починале 11.400 заразени со коронавирусот.

Ништо поразлично не е ни во Словачка. Таму се регистрирани 5.361 нови случаи на коронавирусот во изминатите 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство на таа земја.

Ова е втор најголем дневен број на новозаразени од почетокот на пандемијата на коронавирусот, се вели во соопштението на Министерството, пренесува Ројтерс.

Се додава дека 69 отсто од новите случаи на заболени се лица што не биле вакцинирани.

Словачка има една од најниските стапки на вакцинација во Европската Унија, со само 52,9 отсто од возрасната популација целосно вакцинирани, според Ројтерс.