Алармот го вклучи извештајот за последниот месец од третиот квартал од годинава кој бележи негативни бројки по сите основи. Или конкретно, во септември, вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Германија е во минус од 13,9% во споредба со истиот период лани. Извозот во септември е намален дури за 19,5%, или за 55 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани кога тој изнесуваше 288 милиони евра, анализира Дојче Веле
Минусот е загрижувачки и покрај податоците за пораст на вкупната трговија годинава, која е подобра од лани, но се уште далеку од онаа пред појавата на пандемијата. Според податоците на источниот комитет на германската економија, во периодот јануари-септември вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Германија изнесува 3,63 милијарди евра, или безмалку 1 милијарда евра повеќе од истиот период лани. Но анализата на податоците покажува дека повеќе расте вредноста, а помалку обемот на трговијата. Ваквите состојби, а посебно последните движења во септември според германските стопанственици се последица на повисоките цени на репроматеријалите но и застоите во синџирите на набавки:
„Прашањето дека имаме позитивен тренд не е точно, бидејќи во моментов не сме во состојба да го процениме идниот развој. Како тој ќе се одвива зависи од надворешни фактори, како на пример производството во Германија, кое делумно во автомобилската индустрија во моментов се соочува со застој. Исто така ќе видиме што ќе донесе и синџирот на добавувачи. Доколку во него недостига само еден дел како на пример во моментов што недостигаат полуспроводници ќе имаме застој и прекин во целиот синџир на добавувачи“, изјави за Дојче веле Патрик Мартенс, Директор на Делегацијата на германското стопанство во С. Македонија
Трговската размена далеку под предпандемиското ниво
Синџирот надобавувачи е клучниот предизвик. Проблемот и натаму е во Кина од каде се уште доаѓаат најголем дел репроматеријали за автомобилската индустрија:
„Извозот од Кина се соочи со застој за време на пандемијата, голем број пристаништа престана со работа, дополнително и блокадата на Суецкиот канал, сите овие фактори придонесоа за застој на трговската размена. Со ова може да се заклучи дека синџирот на добавувачи зависи од многу фактори. Доколку само еден од нив е нарушен, целиот процес на испорака е нарушен и се сочува со доцнење“, објаснува Мартенс.
Во вакви услови и не чуди што и натаму трговската размена е далеку од нивото кое беше присутно пред пандемијата на Ковид 19:
„Доколку направиме директна споредба на бројките на извозот помеѓу Северна Македонија и Германија пред пандемијата на првите 3 квартали од 2019 со првите три квартали од 2021, ќе видиме дека имаме пад на трговската размена за 20%. Во меѓувреме имаме нови инвеститори во Северна Македонија или некои од постоечките веќе ги проширија своите капацитети. Во суштина ќе имавме многу поголем извоз, доколку не се случеше пандемијата“, укажува Мартенс.
Суфицит во трговијата со Германија
Сепак и во вакви услови германските инвеститори ја одржуваат во кондиција македонската економија. Најмоќната европска економија со години е број еден трговски партнер на Македонија, со суфицит на македонска страна:
„Македонија остварува најголем обем на трговска размена со Германија во последните 10 години. За првите три месеци во 2021, вкупната трговија е порасната за 24.3%, извозот е пораснат за 28.3%, а увозот за 11.7%. Билатералната трговска размена секоја година расте во просек помеѓу 10 до 17%, со исклучок на 2020 година. Германија учествува со околу 40% во вкупната трговска размена на Македонија со ЕУ; односно околу 26% во вкупната трговска размена на Македонија со светот“, велат за Дојче веле од македонското министерство за економија.
Високото ниво на трговска размена е главно резултат на околу десетина големи инвестиции на германски компании кои се присутни во Технолошко индустриските развојни зони во Скопје, Прилеп, Штип и Охрид. Дел од компаниите како „Костал“ и „ОДВ Електрик” во Охрид се со тенденција да пораснат до 80 милиони евра или 2000 вработувања. Податоците од министерството за економија зборуваат за планирани инвестиции во зоните од над 130 милиони евра, што дополнително се очекува да влијае на зголемување на извозот, а со тоа и на трговската размена со Германија.
Целиот текст на следниот ЛИНК