Ангелоски доаѓа на местото на Данела Арсовска која, пред да биде избрана за градоначалник на Скопје, беше прв човек на ССК.

Собранието на ССК денеска на седница го потврди изборот на Ангелоски. Тој е косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи „Ариљеметал“, со која раководи повеќе од 10 години. Досега беше претседател на Индустриска комора, a по професија е машински инженер и магистер по технички науки.

Како што соопшти Сојузот, активностите на новиот претседател ќе бидат насочен кон заштита на претпријатија и унапредување на организациската структура на ССК.

-Вредноста на Сојузот како организација е во валоризација на претприемништвото и на семејни мали и средни компании чиј раст и развој ја носи целокупната економија напред. Ќе бидеме насочени кон поттикнување на економски политики за создавање на здрава деловна клима со имплементација на најдобрите светски практики, се со цел непречен раст и напредок на деловните субјекти. Сојузот досега се наметна како значаен фактор во креирање не економските политики и цели кон тоа да стане водечка деловна мрежа во Југоисточна Европа, вели Ангелоски.

На предлог на новиот претседател избрани се и тројца нови потпретседатели, Александра Андреева, член на Управниот одбор на Сојузот, Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора и Ивица Јакимоски претседател на Градежната комора, а потврдени се и досегашните потпретседатели Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители и Габриела Кулебанова.