Настанот е во организација на Волонтерски центар Скопје, кој по повод 15 години од неговото формирање во декември кога се празнува и Меѓународниот ден на волонтерите, организира низа настани поврзани со промоцијата на придобивките од волонтирањето и ставањето фокус на волонтирањето како значаен процес и важна нишка во заедницата.

– Дискусијата ќе даде простор на поранешни и тековни волонтери, експерти од невладиниот сектор, но и претставници на меѓународни и државни институции да ги претстават нивните перспективи и видувања на волонтерството во контекст на меѓународно волонтирање како клучна алатка за меѓукултурно учење и промоција на европските вредности, посочуваат од Волонтерскиот центар Скопје.

Волонтерскиот центар Скопје е невладина младинска организација формирана во 2006 година од страна на поранешни ЕВС волонтери. Главната цел на организацијата е да им овозможи неформално образование на младите луѓе во различни области, на локално и интернационално ниво, да се промовира идејата за волонтерството и да се поврзат младите луѓе без оглед на нивната националност, религија, политички, економски или социјален статус.

– Вложуваме напори за развој на мултикултурно граѓанско општество, да се зајакне постоечката демократска структура, за подобрување на афирмацијата кај младите преку нивните индивидуални способности и вештини и да се поврзат младите се со цел нивна поголема соработка. Досега околу 10.000 лица биле дел од нашите проекти, од кои огромен дел се волонтерски активности, се вели во соопштението.