Малубројна група самопрогласени македонски Бугари одржа панихида за Мара Бунева во центарот на Скопје, истакнувајќи дека е природен процес Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав. Учесниците на настанот, кој траеше само неколку минути, тврдат дека наскоро очекуваат да станат државотворен народ и да го добијат местото што им припаѓа, како што велат, според историското право.

Самопрогласените македонски бугари одржаа Одбележување со опело и скромна процесија

Активистите започнаа со опело во црквата „Св. Димитрија“, а потоа пеш се упатија кон спомен-плочата на Мара Бунева на кејот на реката Вардар. По целата патека, поворката ја придружуваше полициско обезбедување. Тие положија свежо цвеќе и направија групна фотографија, но не одржаа никаков официјален говор.

„Ние сме македонски Бугари и се надеваме дека наскоро ќе бидеме дел од Уставот,“ изјави еден од учесниците, додавајќи дека оваа панихида е доказ за нивната врска со минатото и важноста на Мара Бунева како историска личност.

Снегот и стравот од проблеми при враќање

Сликата на Мара Бунева беше накратко поставена на спомен-плочата, но ладното време и снегот ги натераа учесниците брзо да ја тргнат. Некои од присутните одбија да дадат изјави, истакнувајќи дека би можеле да се соочат со проблеми при враќањето во Бугарија.

Настанот заврши за помалку од десет минути, а сите си заминаа без дополнителни коментари.

Стојанов: „Закани на социјалните мрежи“

Претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, кој има забрана за влез во државата, на Фејсбук објави дека се одржала панихида за Мара Бунева. Според него, неколкумина се одважиле да дојдат во Скопје, иако снежните услови и претходните закани за провокации ги спречиле поголем број граѓани да се приклучат.

„Се заблагодарувам на МВР на Северна Македонија за обезбедувањето. Снегот и стравот од нарушување на безбедноста ги намалија посетителите,“ објави Стојанов.

Виктор Стојанов има забрана за влез во Македонија поради етнички провокации

Тој додаде дека имало обиди за одбележување во Прилеп, но не и во Тетово и Струмица, каде што било првично најавено.