Дваесет и осумгодишната девојка која по вакцинацијата со „Астра Зенека“ во Србија имаше несакана реакција сега е во добра состојба и кај неа е целосно повречена невролошката симптматологија, вели директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис, во вечерашната дебата на „360 степени“.
Во вторникот на нашата клиника беше хоспитализирана млада пациентка која на 21 март примила вакцина „Астра Зенека“ во Србија. Една недела по вакцинирањето, пациентката почувствувала главоболки кои биле неспецифични еднострани, во неколку наврати изгубила свест и потоа забележала оток на очниот капак на едната страна на лицето. По направените невролошки испитувања и крвни анализи беше упатена на нашата Клиника, бидејќи имаше многу ниски вредности на тромбоцити. Тоа се клетки од крвта кои имаат улога во згрутчување на крвта, а истовремено имаше изразена невролошка симптоматологија, вели Пановска-Ставридис.
Пановска-Ставридис за оваа ситуација вели дека е парадоксална, но не е непозната во медицината. Според неа, оваа состојба е можна по вакцинирањето против ковид, но тоа не е докажано. Додава дека постојат и други состојби во медицината кога се среќаваат пациенти со тромби, а со ниски вредности на тромбоцити.
Меѓутоа, пред неколку дена научниот свет се возбуди од нов синдром кој го поврзаа со вакцината против ковид на „Астра Зенека“ и го нарекоа дека е од вакцина индуцирана имуна тромботична тромбоцитопенија, а тоа значи состојба која се јавува од четврти до 21 ден по вакцинација кога кај пациентите се појавуваат тромби, а доаѓа до екстремно намалување на бројот на тромбоцити, вели Пановска-Ставридис.
Врз пациентката бил спроведен алгоритам според последните светски препораки за овој таканаречен нов синдром, за кој сè уште не е докажана поврзаноста со вакцинацијата на „Астра Зенека“.
На пациентката ѝ беше даден адекватен третман и кај неа е целосно повлечена невролошката симптоматологија, полека почнаат да растата вредностите на тромбоцити, но сè уште е задржана под медицинска опсервација на нашата клиника, вели Пановска-Ставридис.