Во земјава досега немало случај на мајмунски сипаници, а со оглед на малата раширеност во светот и потенцијалните ризици немало потреба ниту од развивање вакцина, вели за „Фокус“ микробиологот доктор Никола Пановски.
-Мајмунските сипаниците не се шират како грип и нема потреба од мерки, особено што има само 20 заразени во Британија, јас повеќе ги гледам како интересни за медиумите или дефокус од реалните проблеми отколку сериозна закана. Не се ниту смртоносни ниту премногу опасни како Вариола вера на пример. Единствено што може да остават белези по телото. Лани имало само двајца заразени во САД, додава тој.
Пановски вели дека веќе ни ковидот не е меѓу најризичните болести во светот, повеќе починати имало од респираторен синцицијален вирус (RCV) поточно според статистиките над 100.000 деца починале од овој висрус во светот.
Досега се потврдени околу 80 случаи на мајмунска сипаница во најмалку 12 земји, соопшти Светската здравствена организација, додавајќи дека се истражуваат уште 50 сомнителни случаи.
Случаи на таа инфекција се потврдени во девет европски земји, како и во САД, Британија, Канада и Австралија, пренесe Танјуг.
Сипаницата е најчеста во оддалечените делови на Централна и Западна Африка, а според Британската национална здравствена служба, тоа е ретка вирусна инфекција која обично е блага и од која повеќето луѓе се опоравуваат за неколку недели.
Вирусот не се шири лесно меѓу луѓето.
Мајмунската сипаница кај луѓето доведува до иритации на кожата со пустули и плускавци кои на крајот пукаат и потоа чешаат, иако ретко оставаат лузни. Инфекцијата е слична на нормална сипаница (сипаници или вариола).
Случаите регистрирани во Велика Британија се пријавени како западноафрикански сој, што е релативно благ во споредба со централноафриканската варијанта. Болеста обично се развива во рок од три до четири недели. Западноафриканскиот вид ретко е смртоносен – а кога е, најчесто е кај малите деца. Како мерка на претпазливост, Институтот Роберт Кох (РКИ) издаде предупредување за Германија, апелирајќи до граѓаните да бидат внимателни.