Папата Франциск денеска апелираше „итно“ да се отворат хуманитарни коридори за жителите на Појасот Газа, кој е под израелско бомбардирање и опсада.

„Треба да се почитува хуманитарното право, пред се во Газа, каде што е итно и неопходно да се гарантираат хуманитарни коридори и да се помогне на населението“, рече папата во својата традиционална молитва на плоштадот Свети Петар.

„Одлучно барам децата, болните, постарите, жените и сите цивили да не бидат жртви на конфликтот“, рече папата Франциск.

По крвавиот напад што Хамас го изврши на израелска територија на 7 октомври, Израел прогласи „тотална опсада“ на Газа, забрани внесување храна и го прекина снабдувањето со вода и струја за 2,4 милиони жители на палестинската територија.

Папата Франциск, исто така, го повтори апелот за ослободување на заложниците киднапирани од Хамас во јужен Израел.