Папата Франциск денеска за време на посетата на Малта повторно ја осуди „сакрилегиозната војна“ во „маченичката“ Украина, набргу откако беше објавено дека во градот Буча се пронајдени тела на цивили.

-Се молиме за мир додека размислуваме за хуманитарната трагедија на маченичката Украина, која сè уште живее под бомбите во оваа сакрилегиозна војна, рече Франциск по мисата одржана на отворено во Ла Валета пред најмалку 12.000 луѓе.

Папата во саботата ја осуди руската инвазија, потсетувајќи на „сите оние моќни луѓе кои, за жал, се заробени во нивните анахрони претензии со националистички интереси зад себе“, што „поттикнува конфликти“.
Светиот отец го осуди „привлекувањето на автократијата“ и „новите империјализми“ кои му се закануваат на светот со „голема студена војна која може да уништи цели народи и генерации“.
Папата го осуди злосторството неколку часа откако беа пронајдени 20 тела на цивили во Буча, недалеку од Киев.