Забрана за движење во Берово, сообраќајка на патот „Кичево-Охрид“, одрони на патот кај Велес кои доведоа до автомибил да удри во карпа која паднала на автопатот, сообраќајка кај Гостивар, Стража. Снегот и влажните коловози го отежнаа сообраќајот низ целата држава. Дополнително, дождот кој врне во текот на целиот ден направи проблем на автопатите.

Сообраќајна несреќа попладнево на планинскиот превој Стража. Две возила се судрија, а причинета е голема материјална штета. Засега не е познато дали има повредени лица. Полицијата е на терен и врши увид, а патот е целосно затворен.

Поради сообраќајна незгода на патниот правец Кичево – Гостивар, кај местото викано „Тајмишка раскрсница“, сообраќајот е во прекин, соопштија од АМСМ. Сообраќајот е во прекин во двата правци од 14:11 часот.

Сообраќајна несреќа има на 1 километар после тунелот кај Катланово, но не се знае дали има повредени лица. Автомобилот, според сведоштва на возачи за „Скопје1“ удрил во карпа.

На патот има застој и се чека увидна екипа на полицијата.

Од ЈП „Македонија пат“ појаснуваат дека се очекува брза нормализација на сообраќајот.

Од АМСМ информираат дека забраната за движење на патниот правец Тетово – Попова Шапка, односно на потегот од село Лисец кон Попова Шапка, важи само за автобуси и тешки товарни возила.

За останатите возила задолжителна е употребата на зимска опрема (ланци).

Од Центарот за управување со кризи издаде вонредна информација за сите оние кои се наоѓаат во Берово да не тргнуваат на пат поради обилни врнежи од снег.

Од 10 часот, според информациите од Авто мото сојузот на Македонија и јавното претпријатие „Македонија пат“ воведена е забрана за движење на сите видови моторни возила на патен правец Берово – Беровско Езеро, поради обилни врнежи снег.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15.11.2023 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2024 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.