Трите земји, бараат итен прекин на војната и почитување на меѓународното хуманитарно право за да престане хуманитарната катастрофа во Газа

Хуманитарната катастрофа во Газа мора веднаш да престане, порачаа Париз, Лондон и Берлин во заедничко соопштение објавено денеска.

„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да престане“, нагласија владите на Франција, Велика Британија и Германија.

Трите земји реагираа на предупредувањата од Обединетите нации и невладините организации за ризик од непосреден и широко распространет глад.

Во соопштението се вели дека Европа мора веднаш да ги укине сите ограничувања за доставување хуманитарна помош до Појасот Газа.

Франција, Велика Британија и Германија потсетија дека Израел мора да ги исполни обврските кои произлегуваат од меѓународното хуманитарно право.

„Дојде моментот да се стави крај на војната во Газа“, порачаа трите земји и ги повикаа сите страни да склучат договор за итен прекин на огнот.

Тие уште еднаш побараа ослободување на израелските заложници кои се држат во Газа и разоружување на Хамас.

Исто така, ја повторија својата цврста спротивставеност на секој обид за наметнување на израелски суверенитет над палестинските територии.

„Заканите за анексија, изградбата на израелски населби и актите на насилство извршени од израелските доселеници против Палестинците ги компромитираат изгледите за договорено решение кое предвидува коегзистенција со две држави“, соопштија Франција, Германија и Велика Британија.