Државната изборна комисија, на три месеци пред изборите, ја соопшти компанијата преку која ќе набави Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, а во тек исто така е и јавна набавка за апликација за текот на гласање и за првични и неофицијални резултати од изборите. Гласачите може секојдневно преку апликацијата на веб страната на Комисијата да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список.

Германската компанија „Дермалог“ го доби тендерот за набавка на техничката опрема за спроведување на локалните избори со отпечаток од прст, но за постапката конечно да биде завршена ќе треба да се почека уште десет дена, рок предвиден за жалби. Претседателот на ДИК Александар Даштевски соопшти дека таа компанија имала најдобра понуда, ги исполнила условите и дека имала најдобри апарати. На тендерот се јавија четири компании, а Комисија за јавни набавки на ДИК ја направи евалуацијата и извештај, врз основа на која, Даштевски донел одлука, која е објавена на веб-страната на Бирото за јавни набавки.

-Компанијата се вика „Дермалог“ од Германија, значи германска компанија и сега трае рокот за жалба, што трае десет дена. До завршување на тој рок, продолжува постапката. Се надевам дека ќе заврши и тоа како што треба, бидејќи тоа не е во наша надлежност и дека сме еден чекор поблиску до остваруање на нашето мото еден гласач еден глас, истакна претседателот на Комисијата.

Во однос на заштитата на личните податоци на гласачите, претседателот на ДИК кажа дека гаранциите за тоа се предвидени во тендерот и може да се прочитаат во спецификацијата.

-Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад така што не можат да бидат злоупотребени бидејќи ние не купуваме компанија, купуваме опрема. Опремата е во наша сопственост, рече Даштевски.

Рокот за достава на техничката опрема, како што информираше тој, е 60 дена, има време до крај на септември да стигне опремата.

-Испораката ќе биде на два пати. Првиот пат ќе биде околу пет отсто, некаде околу 200 апарати и ќе биде извршена обуката. И после тоа остатокот само да се наполни, за што ќе треба неколку дена. Повторно не би зборувал зошто не е завршена постапката, рече Даштевски.

ДИК изминативе месеци се подготвува за локалните избори, имајќи предвид дека тоа се едни од најкомплексни избори, на коишто има многу учесници и кандидати, како за градоначалници така и за советници. Се бираат градоначалници во 80 општини и Градот Скопје, како и советници за исто толку совети. Учествуваат политички партии и независни листи на кандидати.

Имајќи предвид дека им истече мандатот на општинските избори комисии и на избирачките одбори, ДИК минатиот месец избра нови членови на општинските избори комисии, а во тек е постапката за избор на членови на избирачките одбори. Се бираат шест члена на избирачките одбори, кои потоа ќе бидат дополнети со уште претставници на политичките партии. По ова ќе следува период на едукација за изборите.

Се очекува преседателот на Собранието Талата Џафери да ги распише изборите на крајот на јули или на почетокот на август.

Неофицијално кампањата е веќе почната, делумно се знаат и кандидатите за градоначалници, додека за советничките листи е се уште рано

Повеќе недели медиумите и социјалните мрежи се преплавени со информации поврзани со локалните избори, а последните две недели, како привршуваа првите анализи за рејтинзите на кандидатите на партиите, така кампањата се интензивираше. Партиите веќе соопштија дел од кандидатите. Лидерите на партиите, особено во македонскиот блок партии, се тие кои ги предводат овие кампањи.

Владејачката СДСМ, како што најави веќе соопшти имиња на повеќе од дваесетина кандидати за градоначалници. Петре Шилегов за Скопје, Констатин Георгиевски за Охрид, Филип Темелковски за Кисела Вода… Ова се имињата на актуелни градоначалници кои ќе се борат за втор мандат.

ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата „Македонија за сите луѓе“ во рамки на која ќе се одржат трибини посветени на повеќе области. Целта е партијата да промовира политики, мерки и вредности. Но, и ВМРО-ДПМНЕ започна со објавување на дел од своите кандидати. Кирил Пецаков ќе му биде противкандидат на Георгиевски од СДСМ во Охрид, за прв човек на Прилеп ќе се бори Борче Јовчевски…

ДОМ и ЛДП во пресрет на локалните избори се здружија во граѓанско движење во центарот кое заеднички ќе настапи на локалните избори. Тие сметаат дека ќе бидат алтернатива на македонската политичка сцена. Нивната порака е „Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“. И покрај најавите, Демократскиот сојуз не стана дел од ова граѓанско движење.

И во ДУИ ситуацијата не е поинаква. Се знаат дел од потенцијалните кандидати за градоначалници. За Тетово повторно се споменува Теута Арифи, на Липково Еркан Арифи… Партијата веќе ја промовираше својата кампања поврзана со зелената агенда. Се најавува дека на крајот на месецот лидерите на ДУИ и на СДСМ, владини коалициски партнери, ќе се сретнат и ќе разговараат за коалицирање и на локално ниво.

Во Беса исто така од порано е познато дека нејзиниот лидер Билал Касами ќе се кандидира во Тетово, додека за градоначалник на Гостивар, пратеникот и потпретседател на Собранието од оваа партија Фадил Зендели.

Кандидатите за локалните избори во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што најавија од партијата, ќе бидат објавени на 15 август. Од Коалицијата најавија дека ќе соработуваат со која било партија, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ и со ромски или со турски партии.

Во однос на листите на советници, во Охрид веќе беше промовирана една независна листа за советници, а деновиве и екологистите најавија дека ќе имаат своја листа на изборите.

Локалните избори во Македонија треба да се одржат во втората половина на октомври. Како датум во јавноста најмногу се споменува 17 октомври, но во тој случај последните денови од кампањата ќе се поклопуваат со пописот на населението што треба да заврши на 30 септември. Доколку се набават терминалите за отпечатоци од прсти, тогаш ова ќе бидат први избори во Македонија, на кои ќе се применува проверка на идентитетот преку отисок од прст.