Партиите денеска со митинзи и средби во повеќе општини низ државата

Изборната кампања за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, продолжува со интензивни активности и средби со граѓаните. Денеска, политичките партии, коалициите и независните кандидати ќе ги претстават своите програми на митинзи и јавни настани во повеќе општини низ државата.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица пред граѓаните во Кавадарци, Центар и Чаир

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Зелениково, Илинден, Центар и Кисела Вода, додека СДСМ најави активности во Демир Капија, Росоман, Кавадарци и Неготино.

Левица, исто така, ќе се обрати пред граѓаните во Росоман и Кавадарци каде ќе зборуваат претседателот на партијата Димитар Апасиев, пратеникот Сашко Јанчев, носителите на листа Влатко Трајков и Круме Богевски, како и останатите кандидати за советници.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 11 часот во Општина Центар, пред Лимак.

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Бујар Османи, ќе се обрати на прес-конференција на паркингот кај Пластичарска, во близина на Бурдем 2 со почеток во 12 часот.

Кампањата влегува во завршна фаза пред изборниот молк на 17 октомври

Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Ова се осми локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

На 3.480 избирачки места ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за општински совети – вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури.

Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.