Проверките спроведени од страна на Државниот пазарен инспекторат во последните три до четири дена покажале дека нема задржување на резервите на гориво
Проверките спроведени од страна на Државниот пазарен инспекторат во последните три до четири дена покажале дека нема задржување на резервите на гориво.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска информираше дека биле извршени над 300 инспекциски контроли, а за дел од бензинските станици продолжува да се врши надзор.
„Не е утврдено дека имало скривање на залихите на гориво, но е забележано дека околу 30 бензински станици ги исцрпиле резервите и привремено престанале со точење. Сепак, по час-два, или најмногу четири часа по новото полнење на резервоарите, тие повторно продолжиле со испорака на гориво.“
Така било во текот на овие три до четири дена, рече Стојкоски, кој денеска, заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, присуствуваше на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на можноста за намалување на ДДВ за увоз на енергенси доколку кризата продолжи, директорката на Управата за јавни приходи појасни дека ваквите проценки ги утврдува Владата во соработка со надлежните министерства.
„Управата за јавни приходи функционира како оперативно-извршен орган. Таквите проценки се во надлежност на Владата и ресорните министерства. Конечните мерки, дали ќе бидат во форма на законски одредби или други одлуки, ние ќе ги имплементираме. Затоа, прашањето не може да се насочи кон УЈП во тој поглед“, изјави Петрова.
Пазарниот инспекторат најавува засилени контроли и кај трговците, со цел да се спречи евентуално зголемување на цените на прехранбените производи.
Директорот на Пазарниот инспекторат очекува од трговците да пројават општествена одговорност.
„Веднаш почнувајќи од денес, ќе биде формиран тим и ќе изготвиме Оперативен план. Ќе спроведеме инспекциски надзори во маркетите, кај дистрибутерите, увозниците и производителите на храна, така што во наредниот период целосно ќе се фокусираме на оваа проблематика. Се надевам на разум од страна на трговците, имајќи предвид дека целиот свет се соочува со глобална економска криза, и очекувам и тие да покажат општествена одговорност. Оваа Влада во повеќе наврати покажала дека е партнер на трговците, преку обезбедување поволни кредити и создавање фер и лојална конкуренција. Како Инспекторат, ќе бидеме на терен и ќе ги следиме бруто профитните маржи“, истакна Стојкоски.
