Во Хрватска денеска се затворени првите бензиски пумпи. Тоа во изјава за ХРТ го нагласи Армандо Миљавац, кој ја затвори својата бензинска пумпа.

-Моравме. Тоа е демонстративно затворање за луѓето да разберат дека тоа не е хир, ние сме во голема неволја. За да не зборуваме само, сакавме да преземеме чекори кои се неизбежни во оваа ситуација, рече Миљавац.

Тој додаде дека денеска, според неговите сознанија, биле затворени уште пет-шест пумпи, поради недостиг и недостапност на гориво.

-Нема доволно гориво на пазарот, не сме имале ни досега. Како компанија добивме 50 отсто од потребните количини. Се плашиме дека сето ова нема да заврши добро и дека ќе има нарушувања на пазарот, потенцира Миљавац.

Тој изјави дека и покрај тоа што владата ги корегира цените на горивата, бизнисот се уште работи со значителна загуба.

-Нашиот проблем е што правиме загуби веќе девет месеци. Работиме со маржи што не се доволни за покривање на трошоците, а сега не ни остануваат пари. Едноставно немаме каде, заклучи тој.

Миљавац вчера изјави дека очекува затворање на околу 240 бензински пумпи во Хрватска.