Најскапите трансакции го одбележаа пазарот на недвижности минатата година
Скопските општини Центар, Аеродром и Карпош и натаму остануваат најатрактивни за купувачите, покажува последниот извештај на Агенцијата за катастар. Во Аеродром лани е постигната највисоката цена по метар квадратен од близу 3.800 евра, додека куќи во Центар се продаваат за околу 1,5 милиони евра.
На годишно ниво, цените на недвижностите пораснале за околу 10%, што според директорот на Агенцијата, Живковски, е сигнал дека пазарот полека се стабилизира. Највисоки цени по метар квадратен се забележани во Центар, Аеродром и Карпош, со вредности од 1.500 до 1.700 евра.
Трговијата со куќи расте, интересот за станови опаѓа
Извештајот покажува пад на бројот на продадени станови, додека интересот за купување куќи значително се зголемил. Исто така, забележан е пораст и кај закупите, што според Живковски не значи дека граѓаните потешко доаѓаат до свој дом, туку е последица на раздвижувањето на економијата и присуството на повеќе странски бизниси.
Со над 33.000 трансакции, пазарот на недвижности лани забележа рекорден промет од 1,14 милијарди евра, што претставува раст од 13% во споредба со претходната година.
