Пецаков рече дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски од кои побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изноѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.

– Првично ќе се обидеме урбанистички да ги решиме, а потоа да се издадат под концесии. За начинот како тоа ќе биде уредено ќе појасниме дополнително, рече тој.

Пецаков појасни дека сите објекти и урбана опрема на плажите каде изминатиот период беше интервенирано за нивно отстранување, биле изградени со проекти прифатени од Министерството за транспорт и врски, со забелешка дека тоа не се дивоградби.

– Тоа не се дивоградби, туку неспособност на Локалната самоуправа да го реши проблемот и да го утврди начинот на концесионирање и за тоа како треба да изгледаат. Не станува збор за дивоградби, туку за проекти врз основа на кои плажите беа издадени под концесии. Проблемот е во тоа што претходната локална самоуправа и централната власт од 2017 година наваму не најдоа за сходно да ги решат концесиите, рече Пецаков.

Според него, плажите ќе бидат уредувани согласно препораките на УНЕСКО, со строго утврдени одредби за уредување со исклучиво природни материјали, како и обврска за концесионерите половина од закупениот простор да биде слободен за граѓаните.

По однос дејноста што во изминатиот период ја вршеле концесионерите на просторот под закуп, Пецаков проблемот го посочи во тоа што државата и институциите дозволиле да можат да функционираат без надзор и надвор од предвиденото време.

– За начинот како тие плажи работеле надвор од предвиденото време одговорите треба да ги побараме од државните институции. Тие да ни го дадат одговорот зошто така се работело, рече Пецаков.