Под влијание на топла воздушна маса од југ, Македонија ја очекува период на сончево и екстремно топло време, кој ќе трае во текот на продолжениот викенд и до крајот на следната седмица. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат дека топлотниот бран ќе продолжи во текот на целата прва декада од август.
Според прогнозата, времето ќе биде претежно сончево со мала до умерена локална облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 32 Целзиусови степени, а во одделни места ќе надминат и 40 степени. Високи температури ќе се задржат и во ноќните часови.
Граѓаните ги очекува продолжување на долготрајниот топлотен бран, кој, според најавите, ќе го достигне својот врв на почетокот на следната недела, кога во поголем дел од државата се очекуваат температури до 40 степени.
Поради екстремно високите температури, се препорачува да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, доколку тоа е можно. Надлежните советуваат да се носи лесна и проветрена облека, покривка за глава, како и да се внесуваат доволни количества вода во текот на денот за да се спречи дехидратација.
