Македонската православна црква утре го одбележува празникот Свети пророк Илија – Илинден, еден од најзначајните денови во православниот календар. За Македонците, Илинден има двојно значење – се празнува како голем христијански празник, но и како Ден на Републиката, поврзан со Илинденското востание и Крушевската Република.

Според црковното предание, Свети Илија живеел околу девет века пред раѓањето на Исус Христос. Потекнувал од градот Тесвит, поради што бил наречен Тесвиќанец, а уште при неговото раѓање, според преданието, татко му имал видение во кое ангели го повивале со оган и го хранеле со пламен, што го навестило неговиот пророчки повик.

Животот на Свети Илија бил исполнет со пост, молитва и бројни чуда. Во Светото писмо се споменува дека тој прорекол суша поради отстапувањето на еврејскиот народ од Бога, бил хранет од гаврани во пустината и воскреснал син на сиромашна вдовица. Најпознато е чудото кога, по неговата молитва, од небото слегол оган што го запалил жртвеникот, по што народот повторно поверувал во Господ.

Пред крајот на својот земен живот, Свети Илија за свој наследник го избрал пророкот Елисеј, а потоа, според христијанското предание, се вознел на небото во огнена кочија. Подоцна се јавил и при Христовото Преображение, а црковното учење вели дека повторно ќе се појави пред Второто Христово доаѓање.

Во народните верувања, Свети Илија се смета за господар на громовите и дождот. Се верува дека тој го „отклучува“ и „заклучува“ небото и управува со летните грмотевици, поради што во многу краишта на Македонија на Илинден не се работи. Во народната традиција се верува и дека ако на Илинден загрми, оревите ќе бидат шупливи.

Именден утре празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо и Илчо.