Сепак, постојат ризици поврзани пред сѐ со натамошниот развој на пандемијата со појавата на новите соеви, што бара внимателно следење на состојбите во економијата и навремена реакција од носителите на политиките, доколку е потребно. И во периодот на справување со пандемијата, спроведувањето на структурните реформи е од исклучителна важност, бидејќи тие се предуслов за одржлив и повисок економски раст.
Ова се дел од констатациите коишто беа изнесени на редовниот работен состанок меѓу претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
На состанокот, како што информираат од Народната банка, учествувале и вицегувернерите на Народната банка и претставници на експертскиот тим на претседателот, а се разговарало и за економските остварувања годинава и очекувањата и оцените на Народната банка за следниот период, согласно со најновите проекции.
Гувернерката, се вели во соопштението, се осврнала и на очекуваната структура на економскиот раст, при што посочила дека и натаму се оценува дека тој ќе произлегува од домашната побарувачка.
-И во овој период на справување со пандемијата, не треба да заборавиме на структурните реформи, коишто се клучни за економијата. Натамошно спроведување на структурните реформи е особено важно за да се зголеми долгорочниот потенцијал на македонската економија, да се намали ранливоста и следствено на тоа, да се зголеми просторот на политиките за подобро справување со идни шокови. Во услови кога просторот за реакција на макроекономските политики е намален, потребно е фокусот да се стави на целни политики и мерки коишто ќе ја поддржат посткризната трансформација на економијата, нагласи меѓу другото, Ангеловска-Бежоска.
На состанокот, исто така, било истакнато дека е мошне важно што Народната банка постојано внимателно ги следи движењата и ризиците, и како независна и професионална институција, постојано е подготвена доколку е потребно, соодветно да реагира во рамките на своите надлежности, заради постигнување макроекономска стабилност и поддршка на македонската економија, притоа успешно остварувајќи ги своите законски цели и задачи.
Во разговорот, се вели во соопштението, одделно било нагласено дека во сиот тек на кризата, од исклучително голема важност е одржаната стабилност на банкарскиот систем, којшто обезбедил поддршка за економијата, а од него се очекува поддршка на економскиот раст и во следниот период, имајќи ја предвид и неговата отпорност на шокови, покажана на последните стрес-тестирања. Конкретно, кредитната поддршка за економијата и натаму е солидна, со раст којшто за оваа година би изнесувал околу 7 отсто и постепено би забрзал достигнувајќи околу 8 проценти на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.
Истовремено, на состанокот се отвориле прашања и за активностите коишто Народната банка ги планира за следниот период, за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги и за финансиска едукација и за очекуваните ефекти од носењето нов Закон за платежни услуги и платни системи.