Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија. И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.
Ова го порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи – поранешен скопски Монопол кои токму од ова место пред 80 години во три конвои биле спроведени до железничката станица и депортирани во логорот Треблинка, пренесува Република.
Меѓу шесте милиони Евреи кои настрадаа беа и нашите сонародници. Во нивната судбина можеме да ги препознаеме сите етапи на Холокаустот. Првиот чекор бил дискриминацијата. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања, Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни. Третиот чекор бил дехуманизацијата, истакна Пендаровски.
Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, посочи Пендаровски, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставуваа 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна.
Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт, праша Пендаровски.
Тој побара извинување од Бугарија за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.
И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, потенцира Пендаровски.
Ова, додаде Пендаровски, е критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаусот се намалува, а антисемитизмот се зголемува.
Нашите институции се должни да ги спроведат обврските што како држава ги имаме преземено на меѓународниот форум за Холокаустот во Малме.А тоа е преку наставната програма и задолжителната посета на Меморијалниот центар на Холокаустот да ги едуцираме учениците за вистината за овој геноцид и да ги заштитиме од опасниот вирус на антисемитизмот. Добитникот на Нобеловата награда за мир, Ели Визел, наречен совеста на светот, во една прилика рече: „Ако нешто може да го спаси човештвото, само меморијата може. За мене, надеж без меморија е налик на меморија без надеж“. Затоа, наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството, порача претседателот Пендаровски.