Главната парола на нашиот претседател не е случајно избрана. Јас никогаш не сум ги делел луѓето на наши и ваши. Јас сум ваш, вие сте мои. И затоа јас со право можам да кажам дека јас сум вашиот претседател, порача од Дебар претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Тој посебно се задржа на соживотот, по кој е препознатлив поширокиот дебарски регион.

– За разлика од другите места што ги посетив, овде сакам да зборувам за она што вие најдобро го знаете, убаво живеете векови наназад, а тоа е соживотот, коегзистенцијата на различни народи, етникуми, вери, различни социјални статуси. Затоа што Дебар е еден од градовите кој може да се пофали и во најтешките времиња и светски војни, овде и Македонци и Албанци, и Турци и Роми и Власи и Срби и Бошњаци, сите што живеат на овој поширок простор знаеле да си помагаат еден со друг и да си се најдат еден на друг во неволја, рече тој.

Тоа, додаде го покажавте и откако Македонија стана независна и тоа на најдобар начин го покажувате и ден денес.

– Вие сте луѓе и во добри и во лоши времиња, а такви се поретко се наоѓаат во нашава држава. Дебар секогаш бил еден од интелктуалните центри во поширокиот регион, видни фамилии, видни поединци, интелектуалци, писатели, уметници, учители, реформатори, едукатори, потекнуваат од тука. И вие имате со што да се гордеете, констатира Пендаровски.

Сите години на независна Македонија, посочи, беше време на делби и тие делби меѓу луѓето по различни основи беа стимулирани од врвот на државата во тој период.

– Јас во моите пет години се трудев никого да не поделам по ниту една основа. За мене и сиромавиот и богатиот се исти. Јас ги делам луѓето на две групи: луѓе и не луѓе. Ние сме избрани да работиме за вас, а не за провизии и за тендери и за разно разни криминали. Затоа мислам дека во изминатите пет години покажав како еден претседател може да се нарекува претседател на сите, не само на хартија, туку во пракса, нагласи тој.

Пендаровски говореше и за членството во НАТО и отворањето преговори со ЕУ.