Добро е што Европската Унија се обидува повторно да се фокусира на Западниот Балкан и притоа го држи во фокусот нашето прашање, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА во однос на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.
Во овој случај не станува збор за некоја посебна иницијатива, станува збор за едно регуларно собирање на државите од Западниот Балкан со земјите членки на Европската Унија, што е пракса наназад со години, вели Пендаровски.
Тој додава дека постојат неколку иницијативи внатре во рамки на тој Самит од држави-пријатели на Западниот Балкан кои, според него, се обидуваат да креираат амбиент за да дојде до пробив во однос на спорот со Бугарија.
Ние одамна ги исполнивме сите услови, ова дојде како гром од ведро небо, блокадата од Бугарија, која практично на ланскиот, мартовскиот Совет на Европската Унија даде зелено светло и подоцна почна да ги испоставува овие дополнителни услови, рече Пендаровски.