Убиството на Орхан Бајрами-Оки викендов во Грција и споделувањето на неговата фотографија со Стево Пендаровски, беше иницијална каписла за екипата на Макфакс да направи кратко истражување кои политичари од власта се блиски со криминалното подземје.

Последниве четири години стана правило по секоја мафијашка пресметка со убиство, во јавноста да испливаат фотографии од политичари со криминалците. Насмеани, многу често и прегрнати, македонските политичари и високи функционери имаат разни објаснувања за нивниот однос со криминалците.

Дали се работи за средби кои биле намерни или случајни? Некои од политичарите ја коментираат заднината на фотографиите, други не. Додека едни велат моментот е овековечен од заедничка средба со граѓани, други во минатото јавно проговорија за пријателствата, трети молчат.

Последна во низата вакви фотографии беше онаа на претседателот Стево Пендаровски со Орхан Бајрами-Оки, кој беше убиен викендов во Грција.

Ликвидираниот Оки ѝ е познат на македонската јавност како дел од мафијашкото подземје. Го сметаа за неформален лидер на групата „Дуќанџик“. Беше инволвиран во неколку вооружени инциденти, а познат е и за македонската полиција.

Орхан Бајрами-Оки со претседателот Стево Пендаровски

Од претседателскиот кабинет за „Макфакс“ посочија дека Пендаровски се фотографирал со сите што ќе побарале. Според нив, фотографијата е направена пред четири години за време на кампањата за претседателските избори. Прашани како може Пендаровски да биде во друштво на водачи на наркокланови, како што се сметаше Оки, тие рекоа дека безбедносни процени за лица што спонтано приоѓаат за фотографирање не се прават.

,Бајрами бил виден и во друштво со градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, кој е дел од огнената група на ДУИ. Фотографијата е направена во угостителски објект.

Орхан Бајрами-Оки и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети

„Макфакс“ испрати прашање до Беџети дали се познавал лично со Бајрами и дали бил запознаен дека станува збор за лице од подземјето, но од таму до овој момент не е пристигнат одговор.

Пред убиството на Оки, во март годинава беше убиен негов близок пријател, Јетон Кривањева-Жила во Старата скопска чаршија. Слично како и убиството на Оки, и во случајот на Жила убиството беше извршено од неколку лица, кои со автоматски пушки влегоа во кафуле и пукаа.

Жила, исто како и Оки, важеше за еден од главните водачи на „Дуќанџик“, двајцата имаат многу заеднички фотографии.

Шеваљ Муареми, Јетон Кривањева-Жила и Орхан Бајрами-Оки

Јетон Кривањева-Жила, Шеваљ Муареми и Орхан Бајрами-Оки

По убиството на социјалните мрежи, осамна фотографија од Жила со претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговиот кабинет, а за чија заднина „Макфакс“ не доби одговор од кабинетот на Џафери.

Јетон Кривањева-Жила и претседателот на Собранието, Талат Џафери

Фотографии се појавуваа и по убиствата поврзани со браќата Идризи.

На крстосница во Чаир со 80 куршуми беше убиен Камер Идризи, а само една година подоцна на истото место и неговиот брат Јонуз Идризи. Името Камер Идризи допре до јавноста откога стана извесно дека е едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар палас“ во 2019 година.

Непосредно по убиството, повторно се појавија фотографиите. Вниманието беше насочено кон фотографија на Камер Идризи со тогашниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски, но и со ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири.

Камер Идризи и ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири

Зекири тогаш не одговори на повиците за да каже од каде се познаваат со Идризи, а Смилевски рече дека биле другари цел живот.

Ексградоначалникот во таа пригода за „А1он“ рече дека не знае за неговиот бизнис, ниту разговарал за тоа. Се дружеле, рече Смилевски, а за разлика од коментарите во јавноста, каде што Идризи е преставен како „лице познато на полицијата“, градоначалникот рече дека не го познава како таков.

Камер Идризи и ексградоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски

Прашан дали знае зошто Идризи бил убиен, градоначалникот на Бутел рече дека не знае.

„Сме разговарале за фамилијарни работи, се консултирал со мене, а за други работи – не. Тој главно работеше во ‘Комунална хигиена’ и беше контролор на трета смена, како внатрешна контрола. Од дете, од 17 години, мислам дека работеше таму“, рече тогаш Смилевски.

Во минатото не изостануваа ни фотографии од политичари со избеганиот Шеваљ Муареми, кој важи за познат наркобос од Грчец, а се споменуваше и во дел од бомбите.

Муареми, исто како и во случајот со Оки, Жила и со Идризи, се поврзуваше и со пукањето во „Александар Палас“ на крајот на 2019 година.