Корупцијата, непотизмот и криминалот се најголемата закана за безбедноста на земјата. Нашите вредности се демократијата и владеењето на правото, а за тоа ја имаме поддршката од мнозинството граѓани. Преговорите за членство во ЕУ може само да ни помогне во ова. Да ги надминеме политичките разлики, да се угледаме на Армијата и да се обединиме за европска Македонија безбедна, стабилна и просперитетна, рече во говорот по повод Денот на Армијата Стево Пендаровски, претседател на Македонија и врховен командант на Армијата.

Пендаровски во својот говор рече дека во наредните 10 години Македонија мора да одвои 955 милиони евра за модернизација и опремување на АРМ.

„Мора да продолжиме да вложуваме во нашата одбрана и безбедност, во нашите ресурси за сопствената безбедност. Нашата цел е да имаме модернизирана армија за одбрана на татковината. Членството во НАТО ни овозможува да ги издржиме бројните геополитички кризи. Многу е полесно кога една мала држава се справува со сите закани заедно со уште 30 држави, членки на НАТО“, рече Пендаровски.

Тој потсети и на втората голема закана за човекот, а тоа е природата, климатските промени, опасноста од суши, поплави, одрони и епидемии.

„Во буквално секоја кризна состојба АРМ е ангажирана. Но тој ангажман не е ограничен само на територијата на Македонија. Годинава испративме војници во Турција, по силниот земјотрес во февруари, а во моментов во Словенија имаме 100 војници кои помагаат во санирањето на штетите по поплавите во Словенија. Без одлагање реагиравме и испративме тимови и во Турција и во Словенија. Затоа денеска одликувавме припадници на АРМ со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од државата“, рече Пендаровски.