Ова е велепредавство кое не смее да се дозволи, ова можеби не ги засега Ковачевски и Османи, ова го засега македонскиот народ. Губиме се, не добиваме ништо. Процесот за ЕУ треба да започне со Копенхашките критериуми, а не со условувања за јазик, историја и идентитет, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска за „Клик плус“ на ТВ 21.

Василевска потенцираше дека барањата на Бугарија не се само Бугарите во Устав и тоа може да се види во Декларацијата која се изгласа во бугарскиот Парламент, како и Протоколот кој го потпиша Бујар Османи.

– Тоа изгледа навидум техничко прашање, но таму има прашања кои ја ревидираат историјата. Прашањето со ваков предлог и ултиматум не е европска вредност. Може да се добијат подобри позиции но со државотворна партија која ќе се грижи за македонските интереси, нагласи Василевска.

Таа додаде дека јасно е барањето на Бугарија да прифатиме дека сите во Македонија пред 1944 биле Бугари.
Не може да се преговараат вакви прашања кои директно задираат во идентитетот на македонскиот народ. Сега Бугарите сакаат и декларација за бугаризација на илинденското востание. Погледнете ги протоколите, декларациите во Бугарија, рече Василевска.

Василевска истакна дека сите се добредојдени во блокот за одбрана на македонските интереси за процес во ЕУ во кој нема да се задира во македонските државни и национални интереси, туку ќе се бара како и за сите други да важат исклучиво Копенхашките критериуми.