Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Македонија.

Тоа ќе биде единствената заедничката активности на двајцата претседатели во чест на Свети Кирил и Методиј, а Пендаровски и Радев денеска по оддавањето почит на сесловенските проветители ќе имаат изјава за медиумите.

Шефот на државата Пендаровски, како што е најавено, денеска ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба , по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.

Како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство, го оценија Пендаровски и Радев заедничкото патување за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј.

Според Пендаровски, на кусата средба со Радев на скопскиот аеродром немало конкретен исход, туку била воведен разговор за престојните активности, но и за случувањата на релација Скопје-Софија изминатите денови.

Ретроспектива на она што се случувало изминатите два-три дена во Брисел направиле двајцата претседатели на средбата, но како што напомена Пендаровски оперативно разговорите за спорот ги водат владите на двете земји.

-Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата, рече вчера Пендаровски.

Радев, пак, изрази благодарност до, како што кажа, неговиот колега и пријател Пендаровски за гостопримството.

-Сакам да споделам дека заедничкото патување и оддавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот на нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството, истакна бугарскиот претседател.

Инаку, Радев пред заедничкото патување со Пендаровски во Брисел учествуваше на Самитот на Унијата. Тој најави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за европскиот пат и почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро.

Пендаровски, пак, вчера по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела изјави дека тој во овој момент е реалист и умерен оптимист. Одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ информира дека сигурно наредните денови ќе достават предлози, кои ќе се базираат на акциските планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правевме и во ноември и во декември, ги доставуваме и до Брисел и до Софија.