Пендаровски во честитката истакна:

-Имам особено задоволство и голема чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан бајрам

Тој им посака празникот да го поминат во добро здравје, исполнет со радост, љубов и среќа. И годинава, како што додава во честитката, Курбан бајрам во согласност со традицијата, да биде во духот на помагањето и дарувањето, споделувањето и грижата.

-Да бидеме отворени и солидарни кон сите на кои им се потребни помош и поддршка не само за празничните денови туку во текот на целата година. Во време кога целото човештво сè уште се соочува со пандемијата со ковид-19 и со нејзините разорни последици, потребно е да ги надминеме сите несогласувања и недоразбирања и сплотени да работиме за доброто на секој наш граѓанин, нагласи претседателот.

Тој посочи оти верува дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, и понатаму посветено ќе придонесуваат за заедничката борба со сите предизвици коишто стојат на патот на просперитет на нашата држава.