Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за одбрана на Португалската Република, Марија Хелена Кареирас, која престојува во официјална посета на земјава.
Двајцата соговорници разговараа за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната, за процесот на реформи во земјава со цел подобрување на воената инфраструктура и модернизација на вооружените сили, како и за заедничките активностите во рамки на НАТО, со цел јакнење на Алијансата и исполнување на заедничките цели во безбедноста и одбраната.
Претседателот Пендаровски го поздрави потпишаниот Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји и изрази очекување дека истиот ќе придонесе за интензивирање на македонско-португалската одбранбена соработка, соработката во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација.
На средбата беа разменети информации за состојбата во Украина, при што претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за територијалниот суверенитет и интегритет за Украина, како и воената, политичката и хуманитарната помош што земјава ја дава на Украина.
Во контекст на актуелните состојби поврзани со евроинтеграциите, претседателот Пендаровски се заблагодари на напорите што ги вложи португалското претседавање со Советот на Европската Унија и за севкупната поддршка од Португалија во однос на македонските евроинтеграции.