Претседателот Стево Пендаровски смета дека во Македонија прилично фреквентно се говори со јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка, Пендаровски посочува дека барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување овој јазик го зборуваат „дури четвртина“ од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијанија.

Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали навидум занемарливи суми, меѓутоа корупцијата е корупција независно дали станува збор за 500 денари или за 500 илјади денари, додаде Пендаровски во обраќање на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“.

Тој оцени дека за жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат овој јазик на корупцијата, а за разлика од нив, оние кои не се дел на тој ланец се честопати дискриминирани бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон.

-Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат па често законската терминологија добива различно некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но кои немаат со што „да тргуваат“ за да ја откупат својата слобода, нагласи Пендаровски.

За оваа загрижувачка состојба, додаде тој, придонесува и нерешителноста на поединци од надлежните институции да поведуваат постапки против оние за кои постојат основи на сомневање, но кои имаат статус на недопирливи во општеството.

-Се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или, како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор станува збор за менталитет на луѓето кои мора да се менува. Притоа, не треба да изоставиме уште неколку други елементи, рече Пендаровски.

Истакна дека и кога се поведени истрагите и процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а одбраната на овие лица ја користи секоја процедурална алатка за да ги пролонгира судењата и за тоа наоѓа разбирање кај еден дел од судиите со што се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но недостижна.

– Второ, дури и малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретни личности и конкретни дејствија направена во конкретен временски период при што речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите во државата, особено по промените на власта на централно или на локално ниво. Ваквите вакуум периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршен случаи на корупција кај носителите на јавните функции.

Трето и најважно, нагласи Пендаровски, институционалните практики и културата кои ја овозможуваат системската корупција можно е да се променат само од внатре или со други зборови неопходно е етичко лидерство во самите институции.

-За драстично редуцирање на корупцијата мораме да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди кои на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите дури и за најмоќните и најбогатите, заклучи Пендаровски во обраќањето на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК на тема „Темелните општествени вредности за европската иднина“.