Кризата е и можност за зајакнување на нашата енергетска архитектура преку вложување во долгорочната енергетска безбедност, достапност и одржливост, порачал претседателот на државата Стево Пендаровски на свеченото отворање на Деновите на групацијата ЕВН.
Говорејќи за кризата со достапноста до енергија, еколошката одржливост и енергетската безбедност, претседателот Пендаровски оценил дека како мала и отворена економија со висока енергетска зависност, Северна Македонија е ранлива на овие процеси. Според Пендаровски, македонскиот енергетски систем не генерира доволно електрична енергија за своите потреби, а како причини ги навел долгогодишното ниско ниво на вложување во енергетските капацитети, незапирливиот раст на побарувачката за електрична енергија во дигиталната ера и неодрживите енергетски навики кај дел од граѓаните.
Од Кабинетот на претседателот информираат дека тој ги пренел главните точки на планот на Владата за справување со кризата – ургентен увоз на неопходните ресурси, зголемување на домашното производство и намалување на потрошувачката.
Единствениот начин да се излезе на крај со овие предизвици, како што посочил, е доколку сме сите заедно, а соработката со ЕВН Македонија оценил дека е важна како никогаш досега. ЕВН Македонија, рекол Пендаровски, е клучна алка во македонскиот енергетски систем и е еден од најголемите инвеститори, работодавачи и даночни обврзници во Северна Македонија.
Во обраќањето, претседателот ја истакнал и поддршката што компанијата ја дава за реализација на повеќе проекти, како што се програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ и добротворната акција „Волонтираме за солидарно општество“, како и поддршката во изготвувањето на „МКД 2030“ како стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија.