Иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мора да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во редовното новогодишно обраќање пред пратениците во Собранието, на кое присуствува високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници во земјава.
Претседателот истакна дека низ примери од годинава може искуствено да се види дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со тешки ситуации и во сосема други области. Сите, нагласи Пендаровски, бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата кога делови од армиските единици беа ангажирани во поддршка на здравствените и други институции во државата иили на пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на ова лето.
-Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите. Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници, рече претседателот Пендаровски.
Тој верува дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, вели, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.
-Во врска со новите безбедносни предизвици сакам да укажам на една потенцијална опасност со која се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла. Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.
Според него, исто така, исклучително важна е департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката, нагласува, мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите.
-Вработените во овие институции, се разбира, како и секој граѓанин, имаат право на свое лично политичко убедување, но, кога во нивното работење се соочуваат со дилемата: партијата или државата, тие мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт. Припадниците на безбедносните служби кои сакаат да се бават и со нивната професионална работа и со политика, ќе мораат да се определат или за едното или за другото, рече Пендаровски.
Тој во говорот потсети дека земјава пред еден месец потпиша заедничка декларација со НАТО со која и формално го заокруживме процесот на военото интегрирање во Алијансата.