Ако ме прашувате лично, кога јас би бил во таква ситуација, тие што ме познаваат го знаат одговорот. Јас не би чекал ниту секунда. Би поднел оставка од морални причини, вели шефот на државата во контекст на пожарот што се случи во тетовската болница каде загинаа 14 лица
Од кривично-правен аспект ќе треба да заврши истрагата и да се види дали некој е виновен за пожарот во Тетово или станува збор за несреќен случај. Но, моралната одговорност е категорија во која човек од страна не може да ја сугерира, тоа е лично чувство, вели шефот на државата, Стево Пендаровски, во синоќешното интервју за „360 степени“.
„Тоа е чувство кое го имаш во себе, имаш некој праг по кој велиш ‘после ова јас не можам да бидам, раководител, директор, министер, претседател…’ и тука не може на никого да му сугерирате, тоа е лично чувство“,вели Пендаровски.
Дали понесувањето на моралната одговорност треба да биде и демократска зрелост и традиција или пак пракса која во земјава не се воспостави, Пендаровски се наврати и на единствениот пример од 1994 година кога тогашниот министер за сообраќај и врски, Антони Пешев поднесе оставка од морални причини по авионските несреќи.
„Тој е единствениот министер или од тоа виско политичко ниво кој поднел оставка од морални причини. Јас имам разговарано со неколкумина членови на таа влада, години подоцна, и тие во тој момент сметале дека тој не треба да поднесе оставка од морални причини. Но, тоа не е битно. Не е битно што вие мислите за мене во овој контекст. Ако ме прашувате лично, кога јас би бил во таква ситуација, тие што ме познаваат го знаат одговорот. Јас не би чекал ниту секунда. Би поднел оставка од морални причини“,вели Пендаровски.