Оттука го поздравувам пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков оти историјата не треба да биде единствен канал на комуникацијата меѓу Скопје и Софија, и очекувам што е можно поскоро, дали овој или другот месец, да влеземе во практична конкретна реализација на тој негов план, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма.
– Кај Петков има две компоненти, едната е временскиот рок, што тоа не ме изненади, и втората е околу содржината и јас тоа го поздравив, затоа што првата реченица која новиот бугарски премиер ја кажа, е дека не смееме да разговараме со Северна Македонија само низ тој т.н. историски канал и заговараше формирање работни групи. Мислам дека тоа е одличен пристап, бидејќи ако доаѓа човек кој вели нема да зборуваме само за етничката припадност на Цар Самоил и на Гоце Делчев, туку ќе зборуваме и за многу работи кои ги тангираат нашите граѓани, енергија, инфраструктура, образование, здравство, инвестиции…, тоа според мене е далеку помодерен пристап од она што го гледавме до неодамна со претходната влада. Јас не велам, и Петков не вели дека тие нема да ги штитат бугарските национални интереси, тоа го вели во неколку наврати. Но дајте да разговараме на повеќе полиња и за реалните критериуми според кои се почнуваат преговори и се влегува во ЕУ, оцени Пендаровски.
Во однос на рокот од шест месеци, што Петков го постави за решавање на прашањето со Скопје, Пендаровски вели оти тоа според него е предолг рок.
– Тој рок е предолг според мене бидејќи овие разговори што ги имавме со Бугарија од 2017 од кога е потпишан билатералниот договор, до денес, а особено оваа година и пол, и не само во историската комисија и надвор од тоа, имавме само две заеднички сесии на двете влади во кои се правеше евалуација на постигнатото во тој договор. Значи, ние разговаравме за многу прашања и мислам нема некое прашање за кое би имало големо изненадување. Проблемот беше во тоа што Бугарија го наметна пристапот само ако историчарите во Комисијата кажат „бива“, тогаш ние може да почнеме преговори, рече Пендаровски.
Затоа, продолжи претседателот, поддржувам оти за неколку недели можат да се расчистат тие контроверзии и можат да продолжат тие работни групи и понатаму да работат откако ќе почнеме да преговараме, но повтори оти не треба да се исцрпуваме со тоа што било во 1901 или 1903.
Во однос на барањата на Бугарија „пет плус еден“, тој вели дека нашите одговори и видувања се испратени за тие „пет плус еден“ точки, но повратно од Софија нема официјално ништо како одговор.
– Повратно од Софија немаме добиено ништо, иако имаше шпекулации и од високи функционери дека нешто е добиено, јас како институција немам ништо добиено, ниту вербално ниту писмено. Де факто практично одговорот го добивме и денес и вчера со најновото вето на Бугарија. Јасно е дека не им се допаѓаат оние одговори кои ние им ги пративме за тие неколку точки, меѓутоа станува збор за црвени линии од кои не може никој да отстапи, така што и во февруари и во март кога и да бидат поставени тие пет, шест точки на маса, нашиот одговор ќе биде идентичен, дециден е Пендаровски.
Во однос на тоа дали можеме да очекуваме поместување на позициите, имајќи предвид и тоа што Бугарија доставила и свои услови на преговарачката рамка во Брисел при што се вели дека и дури да се усвои рамката, не значи дека ќе почнат преговорите, Пендаровски рече оти се работи за истата реторика, и оти уште минатата година кога Бугарите за првпат најавија предвремени парламентарни избори во април, неговиот прв апел бил да не се надеваме на брзо решение.
– Тоа го гледам од фактот што нивната декларација е гласана со парламент од 250 луѓе, значи сите и тогашна власт и опозиција. Се работи за историски и политички континуитет и реков да одиме чекор по чекор без брзање. И сега го велам истото, чекаме 17 години со статус на земја-кандидат. Јас не велам да чекаме уште година, две, пет, но ако имате изјава како последнава која, да не кажам, не е променета од комунистички времиња, во однос на тоа како Софија гледа на македонското прашање, ние не можеме да одиме со глава низ ѕид, оценува Пендаровски.
Тоа е така, рече Пендаровски, бидејќи не само што имаме наша парламентарна декларација, наши црвени линии поддржани од сите, туку затоа што здравиот разум и да не сте политичар, туку обичен граѓанин ви сугерира дека не можете да разговарате за небулозни работи, бидејќи тоа нема никаков контакт со сетот на критериуми според кој сите претходни кандидати влегле во членство.