Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија на кое присуствуваат претседателот на Парламентот Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, пратеници, министри, а го следат и претставници на дипломатскиот кор и на медиумите.
Со други зборови, како што рече шефот на државата, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот.
-Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај, нагласи Пендаровски.
Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата.
-Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела, посочи Пендаровски.
Во контекст на тоа додаде дека големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи.
– Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат „брза и ефикасна” правда, рече Пендаровски.
На почеток од обраќањето Пендаровски ги повика присутните да им оддадат едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од КОВИД -19