Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, соговорниците разговараа за процесот на проширување на ЕУ и за актуелните случувања во евроинтегративниот процес, како и за соработката меѓу двата парламента. Претседателот Пендаровски, изразувајќи благодарност за принципиелната поддршка на Шведска, истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда. Истовремено, претседателот Пендаровски, се додава, изрази очекување дека во престојниот период ќе се засилува политичката поддршка од Шведска. Во оваа насока претседателот Пендаровски потенцираше дека застојот во проширувањето на Европската Унија ќе се одрази врз стабилноста и ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и просперитетот на регионот.

На средбата соговорниците констатираа дека Северна Македонија и Шведска негуваат исклучително динамични и пријателски односи, при што беа нагласени заложбите за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и соработката. Во тој контекст, претседателот Пендаровски и спикерот на Парламентот, Норлен ја истакнаа неодамна формираната Управна група за демократски развој помеѓу парламентите на двете држави, како важна додадена вредност на парламентарната и воопшто, на билатералната соработка, се наведува во соопштението.

Во шведскиот Парламент, соговорниците разговараа и за приоритетите на Шведска како актуелен претседавач со ОБСЕ, преку кои ги застапува напорите за зајакнување на демократијата, човековите права и родовата еднаквост на сите релевантни форуми, а се заснова на силна посветеност на европскиот безбедносен поредок, стои во соопштението.