Македонскиот игран филм „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, ја освои наградата за најдобра режија на 15. издание на BaNeFF 2026, што се одржа во Стокхолм, Шведска.

Наградата ја прими амбасадорката на Република Македонија во Шведска, во име на режисерот и филмската екипа, со што ова признание доби и посебно значење за македонската културна афирмација во Шведска.

Ова е втора меѓународна награда за режисерот Јани Бојаџи за филмот „Утре наутро“. Претходно, филмот беше награден и на SEE Film Festival во Париз, Франција.

Двете меѓународни признанија претставуваат значаен успех за македонската кинематографија и потврда за фестивалското присуство на филмот надвор од границите на земјата.

Со новото признание од Стокхолм, „Утре наутро“ продолжува да го афирмира македонскиот филм пред меѓународната публика.

Сценариото, режијата и продукцијата се на Јани Бојаџи, а извршен продуцент е Дејан Милошевски.

Во главните улоги настапуваат Нина Деан и Ирена Илиевска, а во останатите улоги играат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојановски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска и Димитрина Мицкоска.

Директор на фотографија е Дарио Секуловски, монтажата е дело на Давид Дулев, сценографијата на Гоце Попов, костимографијата на Зорка Тодорова, а шминката на Ирена Сенокозлиовска. Филмот е реализиран во продукција на Cinemon Media Factory и Revolution Production, во соработка со Алфа Телевизија.