Во разговорот, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници разменија мислења за улогата на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, за регионалната стабилност и за надворешно-политичките приоритети на Република Македонија.

Пендаровски изрази благодарност за поддршката што земјата ја добива од НАТО Канцеларијата за безбедност во процесот на сертификација на официјалните лица во државата за коишто се побарува НАТО безбедносен сертификат. Двајцата соговорници се согласија дека тоа е исклучително важен процес и дека истиот треба да продолжи во сите неопходни сегменти, витални како за безбедноста на Македонија, така и за безбедноста на Алијансата, стои во соопштението.

Истовремено, Пендаровски се заблагодари за досегашната помош во справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19, посочувајќи дека солидарноста и поддршката на сојузничките земји е неопходна за надминување на новите реални предизвици со кои се соочуваат Европа и светот.

Во телефонскиот разговор, претседателот ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко. Македонија, додаде Пендаровски, останува целосно посветена на реформите во одбраната и во безбедноста согласно стандардите на НАТО.

Двајцата соговорници разговараа и за документот НАТО 2030, кој треба да ја одреди иднината на НАТО Алијансата, во која од март минатата година сме полноправна членка.