Претседателот Пендаровски, кој од денеска престојува во дводневна официјална посета на Хрватска, изрази благодарност за принципиелната хрватска поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Пендаровски воедно ја поздрави идејата за одржување прва заедничка седница на владите на двете држави, на која би се разговарало за идните насоки на соработка.
Беа разменети и информации за тековниот процес на вакцинација против Ковид-19, при што Пендаровски се заблагодари за намерата хрватската Влада да донира 10.000 дози од вакцината Астра Зенека за нашата држава.
Претседателот Пендаровски го истакна и интересот на нашата држава за интензивирање на економската соработка и трговската размена со Хрватска, за што постојат неискористени можности.
На средбата на шефот на државата со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, пак, е нагласена заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка.
Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија и Хрватска споделуваат идентични вредности во функција на остварување на заедничките цели за мир, стабилност и просперитет на целиот регион, за што придонесува и меѓусебната соработка како две пријателски држави и сојузници во НАТО Алијансата.
Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, претседателот Пендаровски изрази благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска.
На средбата е изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и беше реафирмиран заемниот интерес од натамошно градење на традиционално пријателските релации меѓу двете држави преку проширување и зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес. Тие ја нагласија заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка oсобено за нејзино динамизирање преку комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламента, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.