Во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ претседателот на државата, Стево Пендаровски, вечерва од Рим порача дека е умерен оптимист, бидејќи, како што рече, многу пати досега објавувале, но на крајот тоа не се овистинило.

Во однос на можноста за отворање посебно поглавје, кое би се однесувало на почитувањето на договореното, Пендаровски вели дека нема проблем со посебни поглавја, ниту со патокази и какви било други документи, но она за што е заинтересиран е нивната содржина, што пишува во нив.

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев и претходно другите контакти со него, неспорна е една работа, претседателот Раде зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите, рече шефот на државата Пендаровски.

Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, истакна Пендаровски, е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог. Укажа дека тоа е се што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог.

-Радев вели ние сега ќе бараме гаранции од ЕУ дали ќе се имплеменира Договорот за добрососедство. Ние немаме ништо против трета страна, ЕУ или ЕК да каже дали договорот оди со добро темпо. Не ни пречи да дојде трет човек од страна и да каже: ни ти, ни ти, ова е вистината. Ние во декември доставувавме акциони планови, тие ни одговараа, па не се најдовме. Во португалскиот нон пејпер тие предлагаат дека треба да постои патоказ и да биде нагледуван во Советот за асоцијалција и стабилизација, а не од Еворпската комисија. Во португалскиот предлог постои еден друг детал, вели вака: има европски држава кои би биле заинтереисани да контрибуираат во историската комисија. И во тој дел немаме проблем. Но, треба двете страни да се согласат, рече Пендаровски.